Стариот и голем свештенички род ЛАЛОШОИ од Лешок е разгранет и има Лоза во соседните села Непроштено, Варвара и Слатина, а денес лози, гранки и гранчиња има во Тетово, Ѓорче Петров, Скопје, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Европа и Америка. Една лоза од родот ЛАЛОШОИ од Лешок се разгранила во Непроштено со одењето на Левко, син на Милош Лалошов и братот на поп Китан и на Марта. Левко со себе ја земал и домашната слава Пречиста и до денес машките наследници од лозата Лалошои од Непроштено ја слават Прчиста. Заклучно со 2009 година, кога ја завршив книгата Поповската фамилија и род СПИРОСКИ ( Онуфриевски-Лалошои-Главинои-Византијци) од Лешок, Македонија од вкупно 1645 лица од свештеничкиот род Лалошои од Лешок, од Лозата Лалошои во Непроштено имаше 374 лица. Од лозата Лалошои во Непроштено днес има формирано три нови фамилии и тоа: Исајлоој, Зафироој и Ѓороој или Богдановски.